Борел го осуди претепувањето на Пендиков и изјавите на „некои националистички политичари“
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел денеска го осуди нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид Христијан Пендиков, истакнувајќи дека се неприфатливи изјавите кои ги даваат некои националистички политичари.
Тој за време на денешната средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази уверување дека одговорните за инцидентот ќе бидат изведени пред правдата.
„Јас сум уверен од најавата на вашата власт дека одговорните ќе бидат изведени пред правдата. Но, истовремено слушаме и неприфатливи изјави кои ги даваат некои националистички политичари, кои поттикнуваат омраза и имплицираат насилство. Тоа може само дополнително да ги зголеми тензиите и не придонесува за атмосфера која придонесува за добрососедски односи. Најсилно го осудувам секој повик за насилство“, рече Борел.
Според Борел, од суштинско значење е заедничкото работење и создавање атмосфера на дијалог и взаемно почитување.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати зашто Софија ги блокира македонските евроинтеграции поради идентитетски и историски спор.
Услов за откочување на евроинтеграциите е внесувањето на Бугарите во Уставот, но засега го нема потребното двотретинско мнозинство.
Односите дополнително ескалираа пред десетина дена, по претепувањето на Пендиков во Охрид и изјавите на бугарските политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов дека „Македонија е бугарска“ земја.