Најмалку четворица загинати во земјотресот во Папуа Нова Гвинеја
Најмалку четири лица загинаа, а стотици домови се уништени во северниот дел на Папуа Нова Гвинеја по вчерашниот земјотрес со јачина од 7,2 степени, изјави официјален претставник.
„Тимовите на националната спасувачка служба се испратени во близина на епицентарот крај езерото Шамбри во оддалечена и мочурлива област во провинцијата Источен Сепик. Четири лица загинаа, а 300 куќи покрај реката Сепик се уништени. Според непотврдени извештаи, има и други жртви, како и уште неколку стотици уништени куќи“, изјави сеизмологот од Геофизичката опсерваторија во Порт Моресби, Феликс Тарану.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг денеска изјави дека нејзината земја е подготвена да обезбеди помош за обнова на погодените области.