Мицкоски: Македонската Влада ги поддржува аргументите на САД за Мадуро
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Ова го изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски по вчерашното приведување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од американските воени сили.
„Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ“, одговори Мицкоски.
На прашање дали американскиот потег со приведување на Мадуро е преседан којшто отсега може да се случи каде било, Мицкоски посочи на случувањата со македонскиот случај и спорот со името.
„Ппреседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН. Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани... Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат... А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски.
Николас Мадуро од Венецуела е во американски затвор откако беше транспортиран во Њујорк по неговото апсење од страна на американските сили.
На прес-конференција, американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша воената операција во Венецуела спроведена за апсење на Мадуро, додавајќи дека САД привремено ќе ја „управуваат“ јужноамериканската земја „сè додека не можеме да направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“.
Американскиот државен обвинител Пам Бонди изјави дека Мадуро и неговата сопруга - која исто така беше заробена - се соочуваат со кривични обвиненија во Њујорк, обвинети за злосторства поврзани со трговија со дрога.
Нападите на САД во Венецуела и заробувањето на Мадуро беа остро осудени од некои од сојузниците на Каракас, како и од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој рече дека американската воена акција претставува „опасен преседан“.