Градиште - Денационализација во фиока, приколки стануваат апартмани, а автокамп законски не постои
Локацијата позната како „Автокамп Градиште“, една од најпрепознатливите точки на брегот на Охридското Езеро, денес тивко се претвора во диво градилиште – на простор каде што, според институциите, законски не постои оформен автокамп.
Иако земјиштето е во процес на денационализација и е предмет на судски постапки, Градиште со години функционира како легален туристички комплекс, додека сè поголем број привремени приколки се доградуваат и се претвораат во цврсти објекти.
Дел од сопствениците овие градби ги користат за комерцијални цели и во текот на сезоната ги издаваат како апартмани, јавно огласени на онлајн платформи.
На интернет може да се најдат огласи во кои се гледа дека огласените објекти не се приколки, туку цврсти конструкции со ѕидови, прозорци, фиксни подови и тоалети.
Апартман ставен на оглас во јули 2025 година како „бунгалов на прва линија“ во Градиште, со директен пристап до плажа, сè уште стои онлајн.
Ова сместување се нуди по цена од 85 до 120 евра за ноќ, со кујна и тоалет – содржини што упатуваат на трајна градба.
Овој случај не е изолиран. Во други огласи се нуди „камп приколка на Градиште“, но приложените фотографии покажуваат простор целосно затворен со метални конструкции, со доградени елементи и оформена внатрешност што нема никаква врска со мобилна приколка.
За состојбата во Градиште побаравме став од Министерството за култура и туризам, од каде кусо ни одговорија дека на оваа локација формално не постои автокамп.
Во писмениот одговор Министерството наведува дека „Градиште не е оформен како автокамп согласно Законот за автокампови. Таму има процес на денационализација и судски постапки.“
За сите прашања поврзани со градежните активности, Министерството за култура и туризам не презема одговорност и нè упати за информации да се обратиме до Општина Охрид.
Ова Министерство не одговори на прашањата:
Која фирма официјално стопанисува во Градиште и дали тие воопшто имаат законско право да стопанисуваат со просторот додека трае процесот на денационализација?
Без одговор остана и прашањето која институција дала концесија или дозвола за стопанисување, доколку таква воопшто постои?
На молк за Градиште наидовме и од Општина Охрид.
Процесот за денационализација
Локацијата Градиште се наоѓа на исклучително атрактивна положба, веднаш до археолошки музеј, остатоците од римската тврдина и познатата туристичка атракција Заливот на Коските, што ја прави една од најпосетените и најпрепознатливи точки на охридското крајбрежје.
Во минатото, за време на поранешна Југославија, просторот се користел како „Автокамп Градиште“, во рамки на тогашното работење на фирмата „Инекс-Горица“.
Земјиштето влегува во процес на денационализација во 1997–1998 година, со донесувањето најпрво на Законот за приватизација, а потоа и на Законот за денационализација, по што околу 100 наследници од 36 семејства бараат враќање на дел од земјиштето.
Дел од барателите велат дека и по пет судски пресуди во нивна корист не можат да си го вратат имотот. Истовремено, земјиштето во Градиште кое било во сопственост на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е вратено на Црквата согласно истиот Закон за денационализација, што, според барателите, укажува на селективен пристап. Црковното земјиште се простира од плажата Оревче и уште три плажи, до локацијата каде што порано се наоѓаше ресторанот во таканаречениот „прв дел“ од кампот.
Андријана Башоска, една од барателките на земјиштето во Градиште, вели дека овој случај е „класичен пример на организиран криминал со највисок степен на корупција“.
Според неа, денес приватизираната фирма „Инекс-Горица“ неосновано стопанисува со просторот и узурпира околу 100.000 квадратни метри земјиште. За овие тврдења побаравме став и од фирмата „Инекс-Горица“, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
И покрај пет правосилни судски пресуди, Башоска тврди дека Комисијата за денационализација со години не ги спроведува. Наместо враќање на земјиштето кое во минатото го поседувало семејството на нејзиниот татко, Комисијата, според неа, носи решенија за обештетување со обврзници во износ од 180 денари по квадратен метар. Поради ваквото постапување, Башоска вели дека по шести пат поднесува тужба до Управниот суд против решението на Комисијата за денационализација.
„Законот за денационализација е јасен: таму каде што се изградени трајни објекти, надоместот може да се врши со обврзници, но кога на земјиштето има монтажни или привремени објекти, имотот мора да се врати во состојбата во која бил одземен. Тоа е случајот во Градиште – земјиштето мора да се врати“, вели Башоска.
Таа тврди дека со години наидува на институционални опструкции, вклучително и околу спроведувањето на оставинската постапка по смртта на нејзиниот татко во 2016 година, што требало да ѝ овозможи формално да стане сопственик на земјиштето во Градиште.
Септички јами и машини за перење
И додека барателите на имотот се заглавени во институционалните лавиринти, природната убавина на Градиште сè повеќе се гуши во бетон, а некои од сопствениците на градбите добиваат дозвола од управата на така наречениот автокам да копаат импровизирани септички јами.
За ова сведочат кампери кои со години летуваат во Градиште. Тие ни раскажаа дека во „првиот дел“ од локацијата, управата им дозволува на некои од закупувачите на плацеви со годишна претплата, покрај тоа што подигаат тврди градби, за надомест од 5.000 денари да копаат и септички јами веднаш до нивните плацеви.
„Луѓето веќе немаат приколки, туку си направија објекти со гипс картон, метални профили и со бехатон. Внатре имаат тоалети, а за надомест исто така од 5.000 денари можат да донесат и машина за перење,“ сведочат за РСЕ луѓето кои сакаа да останат анонимни.
Од граѓанското здружение „Охрид SOS“ за нашиот медиум велат дека имаат сознанија за новите градби и дека некои се нудат и онлајн.
„Знаеме дека локацијата е во процес на денационализација кој трае повеќе од две децении. Во тој период не смее да се издава или стопанисува, а управата на кампот профитира од сите овие активности,“ велат од здружението.
До објавувањето на овој текст, Општина Охрид не одговори на прашањата дали е запознаена со состојбата во Градиште и како ќе реагира, дали се дозволени вакви интервенции со привремени градби и септички јами, како и кои фирми стопанисуваат во овој простор.
Во изминатите години, Општина Охрид правеше акции за отстранивање на некои од градбите во Градиште.
Во 2021 година беше донесено Решение за отстранување на времените објекти, како што беше наведено, „во просторот познат како автокамп „Градиште“, откако при вонреден инспекциски надзор биле констатирани сериозни неправилности.
Инспекцијата тогаш утврдила дека дел од камп-приколките биле поставени на бетонски подлоги, со доградени метални настрешници и целосно затворени конструкции од лим, дрво, водоотпорни гипс-картон плочи, како и недозволени дрвени и метални конструкции, времени објекти и приклучоци на водоводна, канализациона и електрична мрежа и дека овие интервенции кои се надвор од сите одобрени проекти и законски прописи.
Случајот „Градиште“ не е изолиран инцидент, туку уште една епизода во пошироката слика на системски проблеми што со години го разоруваат Охридскиот регион – дивоградби, узурпација, неконтролирана урбанизација, загадување...
Истите овие појави се предмет и на извештаите во УНЕСКО за Охрид кој е под ризик да стане светско природно и културно наследство во опасност, за што институциите или се препукуваат со надлежности или молчат, додека просторот неповратно се менува, а јавниот интерес останува без заштита.