Жељазков му го врати на Радев мандатот за нова влада на ГЕРБ, повика на избори на крајот на март
Бугарскиот премиер во оставка, Росен Жељазков, доби мандат од претседателот на Бугарија Румен Радев за формирање нова влада на ГЕРБ (бугарска централно десничарска партија) и веднаш го врати, јави бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Со тоа е завршен првиот чекор од постапката откако Жељазков и неговата влада поднесоа оставка на 11 декември 2025 година по едни од најмасовните протести во современата историја на Бугарија. Причината за нив беше предложениот буџет на владата за 2026 година, кој никогаш не беше усвоен.
Потоа следува предавањето на мандатот на втората по големина парламентарна група - „Континуирани промени - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која исто така веќе објави дека ќе го врати мандатот.
Според Радев, ова ќе се случи „во наредните денови“.
Веднаш откако доби мандат од Радев, Жељазков ја пофали својата влада, наведувајќи дека во последната година завршила „огромна работа“ и ги исполнила „своите стратешки цели“. За време на неговиот мандат, Бугарија официјално стана членка на еврозоната.
Премиерот во заминување потсети дека неговиот кабинет преживеал шест гласања недоверба, но на крајот одлучил да се повлече од власт „во моментот кога граѓанското општество побара нов легитимитет“. Според зборовите на Жељазков, ова „не е политичко повлекување“, туку почитување на „демократските традиции за одржлив развој на Бугарија“.
По овие зборови, Жељазков му го врати на Радев мандатот за нова влада на ГЕРБ, повикувајќи го да закаже предвремени избори на крајот на март.
„Многу е важно предизвикувачката година, која треба да биде година на жнеење на позитивните резултати од тоа што сме дел од срцето на Европа, да не биде залудно пропуштена“, рече Жељазков.
Во Бугарија се закажани редовни претседателски избори за оваа есен. Доколку во меѓувреме не се формира стабилна влада, тоа би значело дека претседателските избори би можеле да се одржат заедно со нови предвремени избори за Националното собрание.