Белоруската опозициска лидерка се пресели во Варшава
Протераната белоруска опозициска лидерка Свјетлана Циханускаја во средата изјави дека ја преместила својата база од Литванија во Полска од безбедносни причини.
„Причината за преселбата од Литванија беа безбедносните проблеми“, изјави таа за полската новинска агенција, додавајќи дека дел од нејзиниот персонал ѝ се придружил во преселбата во Варшава каде што ќе продолжат со својата работа.
Циханускаја рече дека канцеларијата на движењето во Вилнус ќе продолжи да работи.
На крајот од минатата година, литванската влада ја намали личната заштита за Циханускаја, а премиерката Инга Ругињене го нарече преселувањето „адаптација на сегашното ниво на закана“.
Додека Циханускаја претходно беше обезбедувана деноноќно од специјални сили,а полицијата ја презеде одговорноста за нејзината безбедност. Таа изјави дека и нејзината канцеларија станала цел на белоруските разузнавачки служби, кои се обиделе да вметнат свои агенти.
„Полската влада прави сè за да ја обезбеди мојата безбедност“, изјави таа.
Циханускаја се спротивстави на белорускиот моќник Александар Лукашенко на претседателските избори во 2020 година, на кои многумина веруваат дека таа излегла како победничка.
Масовни протести избувнаа кога Лукашенко прогласи дека победил со околу 80% од гласовите.
Протестите беа брутално задушени од Владата во Минск. Циханускаја и нејзините деца избегаа во Литванија, каде што формираше еден вид влада во егзил. Полска и Литванија се дом на многу Белоруси кои се предмет на политички прогон дома.