Османи со декрет го распушти Собранието на Косово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека издала декрет за распуштање на Собранието, бидејќи, како што изјави, политичките претставници „одлучиле да ја однесат земјата на избори“.
„Со овој декрет ја исполнувам мојата уставна обврска, која е јасно дефинирана. Голема несреќа е што тие (пратениците) не го избраа интересот на Косово“, рече Османи.
Според неа, неуспешните обиди од претходната ноќ за избор на претседател во Собранието не биле ниту случајни, ниту непромислени.
„Напротив, многу добро пресметани и осмислени, за жал“, додаде Османи.
Таа изјави дека член 86 од Уставот предвидува дека новиот претседател мора да биде избран најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на сегашниот претседател, а нејзиниот мандат истекува на 4 април.
„Ова значи дека 5 март беше уставниот рок за Собранието да избере нов претседател. Тој рок истече синоќа на полноќ. Значи, не станува збор за јавна дебата. Станува збор за јасен уставен факт. Уставот не е напишан за толкувања што ја релативизираат неговата тежина. Тој е напишан за да го гарантира функционирањето на државата, а не одложувањето и нефункционалноста“, додаде таа.
Османи, исто така, изјави дека ќе побара нови избори по консултации со лидерите на политичките партии.
„Граѓаните не сакаа избори, оваа ситуација се појави поради неуспехот на Собранието да ја исполни својата уставна должност. Никој не треба да сака уште еден политички циклус, особено во овој момент кога на земјата ѝ е потребна стабилност. Но, неодговорни луѓе со опасни намери ја доведоа земјата до оваа точка!“, рече претседателката на Косово.
Според неа, одложувањето на процесот би довело до уште поопасна ситуација.
Оваа изјава на Османи доаѓа неколку часа по истекот на рокот за избор на нов претседател на Косово.
Процесот на избор на претседател не успеа поради недостиг на кворум во Собранието.
Кандидати за претседател беа Глаук Коњуфца и Фатмира Колчаку, кои беа предложени од владејачката партија Самоопределување.
Откако претседателот не беше избран, претседателката на Собранието, Албулена Хаџиу, објави дека побарала од Уставниот суд привремено да ги суспендира роковите поврзани со изборот на новиот претседател на Косово.
Кандидатот за претседател на Косово мора да има двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците во Собранието кое брои 120 места, или најмалку 80 гласови.
Доколку во првите два круга од гласањето ниту еден кандидат не го освои потребниот број гласови во третиот круг, доволно е просто мнозинство, односно најмалку 61 глас со потребен кворум од 80 присутни пратеници.
Според Уставот, доколку изборите не успеат во три круга, предвремените парламентарни избори мора да се одржат во рок од 45 дена.