Косовскиот Национален институт за јавно здравство потврди дека во Косово една 82-годишна жена починала од западнонилска треска, а друга, 52-годишна, која била заразена од истиот вирус, е излекувана и пуштена на домашно лекување, јави дописникот на МИА од Приштина. Насер Рамадани, директор на Инситутот, изјави дека нема место за паника, но апелира до граѓаните да избегнуваат излегување од дома рано наутро и приквечер, кога убодите од комарците, кои можат да го пренесат заразниот вирус, се позачестени. Исто така граѓаните се упатуваат да се јават на лекар доколку по убод од комарец забележат влошување на здравствената состојба.
Медиумите денеска ја објавија информацијата од Европскиот центар за заштита и контрола на епидемиите, кој соопшти дека во периодот од 3 до 9 овој месец, како последица на зараза од вирусот, во Европа починале 17 лица, од кои девет во Србија, три во Грција, три во Италија и по едно во Романија и Косово.