Македонски војници помогнаа во спасување 5-годишно дете од рушевините во Турција
„Нашиот армиски тим по сознанијата дека се слушнати гласови под урнатините по што по 6-часовно расчистување на урнатините слушнале детски глас по што заедно со турскиот тим за пребарување продолжиле уште 4 часа со расчистување и успеале да го извлечат 5-годишниот Сулејман“, соопшти македонското Министерство за одбрана.
Македонските спасувачки тимови, кои треба да помогнат во расчистување на урнатините и потрага по преживеани тргнаа кон Турција ден по земјотресот, а први беа припадниците на АРМ кои отпатуваа со комерцијален авион на Туркиш ерлајнс до Истанбул. Претходно Владата, на вонредна седница, донесе одлука за испраќање на 40 обучени спасувачи со возила и опрема и 24 припадници на АРМ со две трагачки кучиња.
Бројот на загинати од земјотресите што опустошија широки делови на Турција и Сирија надмина 20.000 лица, што го прави еден од најсмртоносните потреси во последните децении.
Повеќе од 75.000 луѓе беа повредени во двата последователни силни земјотреси, од 7,8 и 7,5 степени, што го погодија регионот рано во понеделникот, а огромен број останаа без домови.