Николоски - Со преименувањето на аеродромот и автопатот не добиваме ништо
ВМРО ДПМНЕ не гледа иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот, напиша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на својот фејсбук профил. Тој реагираше по прес -конференцијата на премиерот Зоран Заев, кој рече дека на владина седница донеле одлука автопатот кој води до Грција да се преименува во Пријателство, а аеродромот Александар Велики, да се вика Меѓународен аеродром Скопје.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во статусот прашува дали оваа постапка од страна на премиерот е дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада.
„Посочивме дека доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо. Имајќи предвид дека не добивме одговор очигледно е дека Македонија прави еднострани отстапки за кои не добива ништо за возврат! Отстапуваме од нешто наше, а за возврат не добиваме ама баш ништо!“, напиша Николоски на фејсбук.