Жителите на Источна Гута си го чекаат „редот за умирање“
Жителите на сириската област Источна Гута велат дека го чекаат нивниот „ред за умирање“ по најжестокото бомбардирање од страна на провладините сили врз опколената енклава во близина на Дамаск, која е под контрола на бунтовниците. Најмалку 38 луѓе загинаа денеска, а повеќе од 310 се убиени во областа од неделата. Над 1550 луѓе се повредени, информира Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.
Источна Гута е густо населена земјоделска област во близина на Дамаск, каде што живеат околу 400 илјади луѓе. Тоа е последната област во околината на Дамаск која е под бунтивничка контрола. Под владина опсада е со години.
ОН го осудија бомбардирањето кое погаѓа болници и друга цивилна инфраструктура, велејќи дека ваквите напади може да се сметаат за воени злосторства.
Меѓународната организација на Црвениот крст денеска побара хуманитарен пристап до Гута.