Лавров ги обвини САД дека се обидуваат да ја поделат Сирија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини Соединетите Американски Држави дека се обидуваат да ја поделат Сирија. Тој ова го рече вчера за време на состанокот во Москва со нивните сојузници Иран и Турција. Тој исто така рече и дека последниот ракетен напад предводен од САД сериозно ја влошил состојбата.
Лавров ги повтори позициите на Русија дека наводниот напад со хемиско оружје на сириските сили во градот Дума бил измислен претекст за нападот на САД, Британија и Франција. Рускиот министер се сретна со иранскиот и турскиот колега, Мохамад Џавад Зариф и Мевљут Чавушоглу, со кои се согласија за интензивни напори за обезбедување на хуманитарна помош за Сирија.
Меѓународните групи за помош, пак, ја обвинуваат сириската влада, која е сојузник со Русија и Иран, за спречување на доставата на помош за областите под контрола на бунтовниците.