Помпео: Иран го дестабилизира целиот регион
Американскиот државен секретар Мајк Помпео кој со посетата на Саудиска Арабија ја почна турнејата на Блискиот исток, во Ријад ја истакна потребата за единство во Персискиот залив. Тој порача дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Иран ако со европските партнери не се постигне договор за измена на спогодбата со што ќе се овозможи Техеран никогаш да не дојде до нулеарно оружје.
Помпео рече и дека Иран го дестабилизира целиот регион, дека поддржува терористички групи, ги снабдува бунтовниците Хути во Јемен и го поддржува режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Помпео, кој на позицијата државен секретар дојде оваа недела, пристигна во Ријад како дел од посетата на Блискиот исток во чии рамки ќе ги посети и Ерусалим и Аман. Тој таму пристигна откако во Брисел учествуваше на самитот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.