Затворски казни за шпанската владејачка партија поради корупција
Поранешниот шеф за финансии од владејачката Народна Партија во Шпанија Луси Барсенас е осуден на 33 години затвор и парична казна од 44 милиони евра поради вмешаност во корупција. Затворски казни добија и неколкумина високорангирани членови на оваа партија. Случајот е поврзан со користење пари од резервниот фонд во текот на деведесеттите за нелегално финансирање на кампањата на конзервативците.
Оваа афера му нанесе штета на премиерот Маријано Рахој, кој демантираше дека го прекршил законот откако дојде на власт во 2011 година.Рахој беше првиот актуелен премиер кој беше повикан да одговори на прашањата како сведок во текот на судењето во јули минатата година. Тој пред судот кажа дека не знаел кои сметководствени постапки ги користела неговата партија.
Дваесет и девет од 37 обвинети се осудени поради фалсификување на сметките, нелегално вршење на притисоци и даночни измами. Вкупно добиле 351 година затвор, се наведува во судската пресуда. Барсенас е осуден за перење пари, лично богатење и бројни кривични дела поврзани со даноците. Неговата сопруга Росалија доби 15 години затворска казна.