Заев – Шпекулациите за спорот за името прават непоправлива штета
Немојте да шпекулирате дека некој нешто прави во четири очи. Се што е преговарано стои во архивите на МНР, во Влада, кај претседателот на државата, истакна премиерот Зоран Заев од парламентарната говорница предупредувајќи ги пратениците од опозицијата дека со своите дискусии можат да направат непоправлива штета во процесот за решавање на спорот за името.
„Ако во текот на преговорите Грција пуштила неархивирано писмо или ние, или предлог, заради тактики во преговорите, апсолутно, ниту се денеска составен дел од тоа што се договара, ниту се постојни документи, затоа што од Нимиц е документот којшто доаѓа и секогаш секој записник од преговорите освен последните, а верувам дека веќе се доставени, можеби најпоследниот не е доставен од Брисел, но тој од Њујорк е веќе доставен до сите. Како е комплетно напишано, така е детално доставено и до претседателот на државата“, посочи премиерот на седницата на која се избираат четворица нови министри.
Заев рече дека сè што е досега преговарано било споделено на лидерската средба.
Премиерот ова го кажа по дискусиите на Димитар Стевананџија и Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Стевананџија побара од Заев доколку се дојде до предлог за решение за името, тоа да оди најпрво на референдум, а потоа во Собрание.
Јовановски, пак, го обвини премиерот за, како што рече, распродажба на името, јазикот, идентитетот на земјата...
Заев потсети дека 25 години сме ФИРОМ и дека треба да се направи иднина за сите деца во земјата.
Решението, според Заев, го јакне идентитетот и побара од пратениците да бидат трпеливи и доколку се успее со договорот тие ќе го видат.