Мицкоски: Македонската економија е фијаско
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новото видео обраќање истакна дека Македонија е на дното во Европа по растот на БДП.
„Денес Државниот завод за статистика повторно ја потврди лошата економска политика на СДСМ. Имено според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1%. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од цели 37% забележува градежниот сектор, што всушност и ја отсликува НЕ работата на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост,“ изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека од расходна страна, падот повторно е алармантен кај бруто-инвестициите. Имено во првиот квартал од 2018 година, бруто-инвестициите забележуваат пад од 9%, со што продолжува политиката на деинвестирање, која како што рече е својствена за СДСМ.