Ѕанакопулос- Ќе го разгледаме барањето на Каменос за 180 гласа кога ќе дојде време
Кога и доколку дојде време, ќе разговараме за предлогот на Панос Каменос во врска со 180 гласови за ратификацијата. Кога ќе дојде тој момент ќе ги разгледаме сите технички детали и ќе донесеме одлука, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во однос на барањето на коалицискиот партнер од Независни Грци договорот од Преспа во грчкиот Парламент да се гласа со зголемено мнозинство.
Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека грчкиот Устав само во одредени случаи предвидува зголемено парламентарно мнозинство од 180 пратеници наместо 151, а договорот од Преспа не е во таа категорија. Сепак, рече дека предлогот на коалицискиот партнер ќе биде предмет на дискусија и консултација во грчката Влада, кога ќе дојде време.
“Предлогот на Каменос, што е политички предлог, како и секој друг предлог што го доставува коалицискиот партнер ќе биде предмет на разговор, на консултации во владата за кога ќе дојде време и доколку дојде време да се донесат неопходните политички одлуки’, рече портпаролот на грчката Влада.
Говорејќи за грчката телевизија Антена, како што утрово објави МИА, Панос Каменос рече дека ќе бидат потребни две години, Македонија да ги заврши обврските за договорот од Преспа да дојде во грчкиот Парламент. На прашање на дописничката на МИА од Атина во однос на овој временски период, портпаролот на грчката Влада не сакаше да дава временски проценки или предвидувања кога решението би се нашло пред грчките пратеници.