Заев: Знам дека референдумското прашање е тоа кое што го објавивме
Премиерот Зоран Заев денеска ја повика опозицијата да ѝ се приклучи на поддршката што владејачкото мнозинство во Собранието го дава на иницијативата за референдумот и повтори дека 30-ти септември е таргетираниот датум за одржување на референдумот.
„Тоа што јас го знам е дека процедурите се отпочнати во Собранието.Оттаму веројатно денеска ќе има информации. Она што јас сум информиран во консултација со пратеничката група на СДСМ, ДУИ и сите други пратенички групи и пратеници од мнозинството, огромно е мнозинството на пратеници кои со свој потпис стојат зад отпочнување на иницијативата за распишување на референдумот“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Тој ја повика опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.
„Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р. Македонија и Р. Грција, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас“, изјави Заев.