Џафери место Милошоски ја закажа седницата на Комисијата за надворешни работи
Продолжението на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи, што досега беше неколкупати одложувано, го закажа претседателот на Собранието Талат Џафери, наместо претседавачот на Комисијата Антонио Милошоски.
Седницата денеска сепак ќе се одржи, но не е предвидено експозе за надворешната политика да има шефот на дипломатија Никола Димитров.
Од кабинетот на Џафери појаснуваат дека според член 120 од Деловникот за работа на Собранието е предвидено: aко претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ја свикува претседателот на Парламентот.
„Недозволиво е денешното повторно одложување на седницата на Комисијата, со образложение од претседателот на Комисијата дека пратениците согласно Деловникот се на одмор од 1 до 31 август, и дека претседателот Џафери, на средба со новинарите најавил дека од 1 август пратениците се на одмот. Член 5 од Деловникот е јасен, освен што го предвидел периодот за одмор, јасно во истиот член, став 1 потенцирал дека Собранието е во постојано заседание“, велат од Кабинетот на Талат Џафери.