Иванов на средба со Палмер- не прифаќам договор со кој се крши Уставот
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов денеска на средбата со американскиот државен функционер Метју Палмер разговарал за актуелните политички состојби во земјава и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу со САД, соопштија од Кабинетот на шефот на државата.
На Палмер, кој е вршител на должноста заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот, Иванов му посочил дека “Македонија уште во 2008-та година ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во НАТО мисиите, заедно со земјите-членкиго заслужува членството без дополнителни услови”.
“Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси” се наведува во соопштението.
Претседателот изразил очекување и дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка.
Во рамки на посетата на Македонија која ја почна денеска, а ќе трае до 3 август, Палмер попладнево ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и како што најавија од амбасадата на САД со лидери на други политички партии. Утре ќе учествува на прославата на Илинден во Крушево и ќе се сретне со официјални претставници на локалните власти надвор од Скопје. Во соопштението од американската амбасада се наведува дека тој ќе ја искаже поддршката на САД за Договорот од Преспа што земјата го постигна со Грција, како и за прогресот на земјата кон членството во НАТО и во ЕУ.