На аџилак само во групи и со лекарска придружба
Пред претстојните патувања на граѓани од исламска вероисповед во Саудиска Арабија на аџилак, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) предупреди на условите кои мора да бидат исполнети за заминување на македонските државјани на аџилак, пропишани со Законот за заштита на населението од заразни болести и согласно меѓународните здравствени правила.
„Лицата кои патуваат на аџилак во земји ризични на одредени заразни заболувања, можат да патуваат само организирано во групи не помали од 40 лица. Организаторот на патувањето е должен во придружба на секоја група, да обезбеди најмалку по еден лекар и да ја достави лекарската лиценца до ДСЗИ, како и да има соодветна медицинска опрема и лекови. Десет дена пред почетокот на патувањето да достави список на патници до ДСЗИ со податоци за година на раѓање, место и адреса на живеење, број на патна исправа, број на лична карта и да достави Извештај за патувањето до ДСЗИ со податоци за организаторот, денот на поаѓање и враќање, како и назначени гранични премини и земји низ кои ќе патуваат до Саудиска Арабија. Лицата кои патуваат на аџилак должни се да имаат Меѓународно вакцинално уверение (жолта книшка) со доказ дека во надлежен Центар за јавно здравје биле вакцинирани против менингоков менингит 10 дена пред заминувањето“, наведуваат од ДСЗИ.