Собранието сака финансиска самостојност, пратениците бараат лични советници
Вкупниот буџет на Собранието за 2019 година е предвидено да биде 575.836.000 денари, се намалува делот за патни трочоци, а се предвидени средства за 75 пратенички канцеларии со исто толку асистенти.
Собранието, по седницата на Буџетскиот совет на Собранието, кој го разгледуваше предлог- буџетот за 2019 година, информираше и дека се разгледува и почнување на одредени реформски чекори за финансиско осамостојување на Собранието, за негово сопствено обезбедување и реформи во Собранискиот канал, а ќе се зголемат и средствата за надзорни расправи.
„Денеска Буџетскиот совет го усвои Предлог-буџетското барање за Собранието за 2019 година. Направена е распределба на буџетските средства, намалени се многу од непродуктивните трошоци на Собранието“, рече претседателката на Буџетскиот совет и потпретседателка на Собранието, Фросина Ташевска Ременски.
Пратениците на седницата на Советот побараа секој од нив да има своја пратеничка канцеларија во изборните единици од каде што доаѓаат, а во Собранието да имаат свој личен советник.
Генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова кажа дека доколку пратениците сакаат лични советници ќе треба да се менува Законот за Собрание. Таа рече дека планот за 2019 година е многу амбициозен, бидејќи Собранието почнува реформи за кои, не само што е потебна политичка волја, туку и пари.
Таа додаде дека, освен од Буџетот, пари за реформите ќе бидат обезбедени и со проекти преку донатори.