Една четвртина Руси спремни да протестираат против економските политики
Ново истражување на јавното мислење во Русија покажува дека повеќе од четвртина Руси се спремни да протестираат пртоив економските политики на владата на претседателот Владимир Путин, што е највисока бројка од кога тој дојде на власт во 2000 година.
Истражувањето објавено денеска од независната агенција Левада Центар покажува дека 28 отсто од испитаниците рекле дека ќе присуствуваат на масовни протести со економски барања. Оваа бројка беше поголема само во септември 1998 година кога една третина од руската популација беше спремна да излезе на улиците поради економската криза.
Во истражувањето биле опфатени 1600 луѓе кои одговарале на прашања од 19 до 25 јули во 136 града и населени места во 52 руски региони.И покрај популарноста меѓу Русите Путин се соочува со економски и демографски проблеми на подолг рок. Според некои политички аналитичари Русија влегува во период на стагнација.
Владата има план зголемување на границата за пензија со кој се предвидува мажите до 2028 година да се пензионираат на 65 години, а жените до 2034 на 63 години. Повеќе од 2,8 милиони луѓе ја потпишаа петицијата против донесување на законот, а тој предизвика и протести низ Русија.