Заев и Палмер претстојниот референдум го оценија како историски настан
Вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД Метју Палмер и премиерот на Македонија Зоран Заев на средбата попладнево разговарале за политичките процеси во земјава и за подготовките за реализирање на претстојниот референдум закажан за 30 септември, соопштија од кабинетот на премиерот.
“Заеднички беше оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја имаат можноста слободно да се изјаснат” се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека на средбата било истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Македонија и Грција е позитивен пример за целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања, гарантирање на стабилност, подобрување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка.
“Премиерот Заев изрази благодарност за силната поддршка од страна на САД за време на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел кога нашата земја ја доби поканата за започнување на преговорите за членство во НАТО. Стејт Департментот повеќепати јасно има изразено силна поддршка за интеграцијата на Република Македонија во НАТО и во ЕУ и останува доследен на своите принципи на поддршка”, пишуваат од Владата.
Двете страни се согласиле и дека во иднина ќе продолжи и ќе зајакне стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД. Палмер кој во Скопје се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, утре ќе присуствува на одбележувањето на Илинден во Крушево.