Џафери: Кога им оддаваме почит на илинденците да бидеме и визионери за Македонија
Ако го погледнеме познатиот Крушевски Манифест и документите од АСНОМ, ќе се увериме дека човековите права и слободи и мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на општеството биле основните постулати врз кои водачите и на првиот и на вториот Илинден замислувале да се гради државата и да се развива граѓанското општество, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје, по повод националниот празник Илинден.
Џарефи рече дека Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Македонија, а дека сега Македонија е пред уште еден судбоносен датум за нејзината евроатлантска иднина.
„Во овие 27 години самостојност Македонија поминала многу премрежија и кризи, но заедно успеавме да ги надминеме и да одиме напред. Сите ние како граѓани сега сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатланското интегрирање на земјата или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде е наш избор“, рече Џафери.
Тој ги повика опозицијата и сите граѓани да го поддржат исполнувањето на Договорот со Грција за името.
„Сега кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, би сакал од ова место да апелирам до сите граѓани на Македонија, до сите лидери на политичките партии и до сите мои колеги пратеници од мнозинството и опозицијата, да бидат вистински одговорни и визионерски и со моќта на својот глас да го поддржат исполнувањето на Договорот со кој ќе се исполни стратешката цел, членство во ЕУ и НАТО“, рече Џафери.