Уапсен уште еден пироман кој палел огнови во грчка Атика
Грчката полиција уапсила уште еден пироман кој не е поврзан со катастрофалниот пожар од минатиот понеделник во Атика, но палел огнови следните неколку дена.
Според грчките медиуми, уапсениот во истрагата, наводно, рекол дека му се „допаѓа да потпалува и да ги гледа пожарникарите како трчаат да ги изгасат пожарите“.
Осомничениот, кој најверојатно не е поврзан со катастрофалниот пожар во понеделникот, според истрагата, потпалувал во периодот меѓу 26 и 31 јули. Тој со запалка палел сува трева, и стои зад пет пожари, а бил уапсен во моментите кога сакал да подметне уште еден. Бил забележан од граѓани, кои го пријавиле, веднаш пристигнала полиција, а пироманот се обидел да побегне, но бил уапсен.