Стапува на сила првиот бран тешки санкции на САД кон Иран
Првиот бран тешки санкции кои САД ги воведоа кон Иран денеска стапија на сила, во услови кога Вашингтон и Техеран продолжуваат да разменуваат предупредувања за далекусежните мерки.
Мерките стапуваат на сила и имаат за цел да го отсечат пристапот на Иран до американски долари и да ја задушат трговијата во клучните ирански индустрии, вклучително автомобили, авиони и персиски килими.
Вашингтон тврди дека Иран веќе се соочува со економски проблеми предизвикани од санкциите, при што иранската валута ријал веќе загубила половина од својата вредност, откако Трамп објави дека САД ќе се повлечат од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година постигнат со светските сили.
Нарекувајќи го договорот „ужасен“ и „едностран“ кој не успеал да ја постигне својата основна цел – блокирање на сите патишта Иран да направи нуклеарна бомба, Трамп уште еднаш понуди преговори, за како што вели, подобар договор во директни разговори со лидерите од Техеран.
Неговата понуда брзо беше одбиена од иранскиот претседател Хасан Рохани, кој на државната телевизија рече дека тоа „нема смисла.“