Медиумски организации со осуда до ДИК
Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Советот за етика во медиумите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Институтот за комуникациски студии го осудуваат начинот на кој Државната изборна комисија ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.
„Нејасно е од каде ДИК извлекува право на Собранието, како организатор на референдумот да му даде приоритет во медиумското претставување, во споредба со останатите учесници на референдумот. Собранието не само што добива привилегиран пристап до медиумите за политичката пропаганда за референдумот, туку и трошоците за пропаганда ќе бидат платени од јавни пари“, се посочува во соопштението.
Другите учесници во кампањата, како што се потенцира, за референдумот не само што ќе имаат ограничен пристап до медиумите за пропаганда, туку и трошоците за огласување ќе мора да ги сносат сами. Со таквото паушално појаснување, според нив, може сериозно да го загрози легитимитетот и легалитетот на референдумот и затоа ДИК треба веднаш да го повлече.