Препукувања на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за јавниот долг
32.5 милиони евра изнесува денешната аукција на Министерството за финансии преку која граѓаните на Република Македонија ќе бидат задолжени за огромна сума на пари, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека СДСМ само денеска го задолжило секое просечно четиричлено семејство за нови 4.000 денари.
„Граѓаните тонат во долгови, не можат да врзат крај со крај, а СДСМ Заев, Анѓушев, Филипче, Шекеринска си делат народни пари по нивни блиски и фирми блиски до СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека само изминативе 3 месеци јавниот и државниот долг вртоглаво пораснал поради на недомаќинското работење на СДСМ: „Јавниот долг во изминативе 3 месеци СДСМ го зголемија за 54 милиони евра, додека пак државниот долг го зголемија за 29 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ реагираат дека не е точно дека долгот се зголемил за 32 милиони евра и оти јавниот долг кој го создал ВМРО-ДПМНЕ бележи намалување за прв пат после 9 години.
„Не е точно тврдењето дека долгот се зголемил за 32 милиони евра. Позајмените средства на денешната аукција се за враќање на долг во истата недела и нето задолжувањето не е 32 милиони како што лажно тврди ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Од партијата исто така истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, кои го дуплирале долгот и создале огромни обврски кои сега се враќаат, се трудат да ја излажат јавноста кога долгот е ставен под контрола и со него се управува одговорно.