Анализите на АХВ потврдија присуство на ГМО во увезена храна
Анализите во референтната лабораторија во ЕУ потврдија присуство на ГМО во соините шницли и трошки увезени во земјава од Србија од страна на компанијата Виталија, а дистрибуирани преку КАМ ДОО Скопје, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветереинарство.
Од Агенцијата посочуваат дека количеството од 510 килограми соини трошки и шницли ќе бидат уништени, а увозниците и операторите ќе добијат парични казни до пет илјади евра. Казна ќе добијат и одговорните лица во овие компании.
„Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од суперанализите на соините трошки и соините шницли, кои, на барање на операторот со храна се вршеа во референтна лабораторија во Европската унија. Истите, како што беше констатирано и со првичната лабораториска анализа, потврдија присуство на ГМО, соопштуваат од АХВ.
Оттаму додаваат дека увезената соја е по потекло од компанијата “Сојапротеин” од Бечеј, Република Србија, а мострите беа земени во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната која ја реализира Агенцијата за храна и ветеринарство.
Агенцијата за храна и ветеринарство во следниот период ќе спроведе засилени контроли за генетски модифицирани организми (ГМО) во храната, најави вчера директорот на АХВ Зоран Атанасов.