Иранскиот министер за одбрана во Сирија
Иранските медиуми објавија дека министерот за одбрана на Техеран пристигнал во Сирија во дводневна посета со цел понатамошно развивање на билатералната соработка. "Се надеваме дека ќе имаме продуктивна улога во реконструкцијата на Сирија", рече Амир Хатами по пристигнувањето во Дамаск. Иран, заедно со Русија, го поддржа претседателот Башар ал Асад во седумгодишниот сириски конфликт, во кој загинаа стотици илјади луѓе, откако започна владина акција против демонстрантите во март 2011 година. Иранската полуофицијална новинска агенција Тасни објави дека Хатами треба да одржи разговори со највисоките воени и политички претставници на Сирија за последните случувања во регионот , заедничко дејствување против тероризмот и начините за продлабочување на воената соработка меѓу Техеран и Дамаск. Иранскиот министер, исто така, треба да оствари разговори со Асад, според државната новинска агенција ИРНА. Посетата доаѓа откако сириските провладини сили се подготвуваат да започнат напад врз северозападна провинција Идлиб, последното големо упориште на бунтовниците.