В среда ќе се знае колку партии ќе учествуваат во кампањата за референдумот
Најверојатно в среда ќе биде познато која пратеничка група колку средства ќе добие за кампања за референдумот на 30 септември, соопштуваат собраниските служби наведувајќи дека пратеничките групи и пратениците поединечно нема да добијат средства на рака, туку кампањата ќе биде реализирана преку закуп на простор во соодветни медиуми пропорционално според бројот на пратеници во пратеничката група.
Кампањата за референдумот се очекува да започне на 10 септември. Засега партиите од владејачкото мнозинство се изјаснија дека ќе учествуваат во кампањата и оти ќе бидат „за“ референдумското прашање, додека ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ официјално е најавен за в среда. Во следните неколку часа се очекува и официјално известување од Беса.