Димитров: единствената одржлива визија за Балканот е европската
Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската, сите ние работиме на демократски реформи и реформи во владеењето на правото со цел да ја споделиме европската иднина без граници, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров кој учествуваше на неформалниот состанок во Виена на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во ЕУ.
Димитров на состанокот присуствуваше на покана на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Карин Кнајсл, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ, денеска
Како што соопшти МНР, дискусиите на сесијата биле фокусирани на прашања поврзани со ефективниот мултилатерализам, како еден од приоритетите на Австриското претседателство со Советот на ЕУ и Глобалната стратегија за надворешната и безбедносна политика на ЕУ.
Во однос на темата на сесијата, „Ефективниот мултилатерализам”, министерот нагласил дека наместо затворање и свртување кон себе, потребна е засилена соработка меѓу државите со цел успешно справување со зголемените предизвици во светот.