Утре продолжува дијалогот Белград-Приштина
Во Брисел утре ќе се одржи нова рунда од дијалогот помеѓу Белград и Приштина, а портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, со посредство на шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, ќе продолжат да работат на сеопфатната нормализација на односите и постигнување на правно обврзувачки договор.
„Утре, на највисоко ниво, продолжува работата која е веќе интензивирана во претходните недели и месеци. Втората фаза започна пред една година. Дијалогот во оваа фаза е интензивиран меѓу претседателите и така ќе продолжи“, изјави Коцијанчиќ.
Повеќе странски медиуми, поради честите реакции во Европа на можните решенија за „косовското прашање", очекуваат дека утрешниот состанок може да донесе конкретни резултати. Од Европската комисија, сепак најавија дека тоа е само еден од серијата состаноци на кои ќе се разгледуваат обидите за постигнување на компромисно решение. Комесарот за проширување Јоханес Хан кажа дека „не очекува договор во петок и дека за постигнување на договор ќе требаат уште неколку месеци ".