Путин предложи омекнување на казните за поттикнување омраза на интернет
Рускиот претседател Владимир Путин предложи омекнување на казните во некои случаи за поттикнување омраза, реагирајќи на загриженоста за затворските услови кои им се одредени на луѓето за одредени активности на интернет и на социјалните мрежи.
Амандманот којшто денеска Путин го достави до Парламентот ќе ја отстрани можноста за затворска казна за прекршоците за кои ќе се смета дека поттикнале етнички, религиски, и други форми на омраза и раздор во јавноста или на интернет.
Лицата кои прв пат направиле прекршок ќе се соочат со административно наместо кривично гонење, што значи дека ќе платат парична казна, ќе вршат општествено корисна работа или ќе бидат затворени на краток временски период.
Ако некое лице изврши слично дело во рок од една година по неговото административно казнување, ќе се соочи со кривично гонење и можност од две до пет години затвор.
Последните години групите за човекови права изразија загриженост за апсењата и затворањето на Русите за јавно преиспитување на религиозните догми или за активности на интернет и социјалните мрежи за кои властите велат дека предизвикале омраза.