Во понеделник пресуда за Јанкуловска за „Тенк“
Предметот „Тенк“ е прв случај на Специјалното јавно обвинителство што е пред целосно пресудување.
Вчера Апелацискиот суд во Скопје во целост ја потврди првостепената пресуда од 23 мај, за затворска казна од две години на поранешниот премиер Никола Груевски.
Во „Тенк“ обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за кое обвинение се води издвоена постапка. Кривичниот суд во април оваа година ја издвои постапката поради отворено лекарско боледување од приватна болница, поради ризична бременост. Во оваа постапка, судечкиот совет на последното рочиште кога беа дадени завршните зборови, најави дека пресудата ќе ја соопшти на 8 октомври.
Груевски е виновен за поттикнување за извршување на делото за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра. Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
Груевски за медиумите рече дека одлуката на Апелација претставува политички притисок и политички прогон и најави дека ќе ги искористи сите правни лекови кои му се на располагање.