Заев: низ инклузивна дебата до двотретинско мнозинство за уставните измени
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не може да потврди дали е постигнато двотретинско мнозинство за донесување на уставните измени кои се обврска од договорот од Преспа, но изрази оптимизам дека низ инклузивна дебата, како што рече, ќе победи прогресивниот елемент.
„Тоа не може никој да го каже. Тоа може да се каже на моментот на одлучувањето, секако низ дебатата во Парламентот. Јас верувам и ќе видиме сите дали тоа мнозинство постои или не. Нема да дозволиме ништо да се упропасти. Ние разговаравме со многу пратеници, лично јас разговарав, а и пратеници со пратеници и видовме дека постои една убава прогресивна маса на пратеници која што е доволно сериозен мотив и причина да ги отвориме постапките како што тоа вчера Владата го направи“, изјави Заев.
Овие денови се надевам Парламентот брзо ќе закаже Уставна комисија да може да се отвори дебатата. Јас очекувам и низ креативниот дел на пратениците преку уставна дебата да се создава атмосфера благопријатна за сите за да може да се формира тоа двотретинско мнозинство кое што би требало да се формира по природен пат, рече Заев.