Продолжува рочиштето за настаните во Собранието на 27 април
Продолжува рочиштето во новата зграда на Кривичниот суд за настаните од 27 април, со сведочење на загрозениот сведок „С1“, без присуство на јавноста.
Во судницата се присутни обвинетите, адвокатите на обвинетите и адвокатите по службена должност кои вчера ги назначи Судот по напуштањето на рочиштето на одбраната на обвинетите кои се жалеа дека немаат услови за работа.
На вчерашното рочиште кое започна во новата зграда на Кривичниот суд, јавноста беше исклучена, а поради технички причини судењето беше префрлено во стариот објект на Судот. Поради расправијата меѓу судечкиот совет и адвокатите одбраната беше казнета со по 1.000 евра.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за помагање на делото.