Случај „Монструм“: откриена ДНК во возилото „опел омега“
Со исказ на вешто лице вработено како биолог во лабораторија при МВР, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро од 12 април 2012 година.
На почетокот од рочиштето обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, побара од Судот да одговори до каде е постапката за екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, но во одговорот доставен од Министерството за правда се вели дека е побарана екстрадиција на обвинетите, но оти се уште нема одговор.
На денешното рочиште се повикани четири вешти лица, од кои тројца вештаци од Министерството за внатрешни работи. Вештакот објасни дека во една лабораторија на МВР се врши биолошко испитување на траги од ДНК од место на настанот, а во втора се прават ДНК анализи на референтни примероци од лица земени за споредување.
По наредба од истражен судија од 13 април 2012 година, истиот ден е извршена криминалистички техничка обработка на возило „опел омега“. Прегледот беше извршен во гаража во склоп на МВР, рече вештото лице.
При извршениот преглед во внатрешноста на возилото не биле воочени видливи траги, па се пристапило кон подигање траги од биолошко потекло од повеќе места во возилото и по спроведените ДНК анализи добиени се четири ДНК профили, кои, како што посочи вештакот, се внесени во ДНК база за пребарување.
Случајот „Монструм“ се наоѓа во доказна постапка, а на минатото рочиште искази даваа вешти лица од крим техника на МВР. Според нивните вештачења, кај Смилковско езеро било пукало со две пушки „калашников“ и еден пиштол.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута, но Врховниот суд во декември минатата година им ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.