Макрон до источните членки: „Европа не е еднонасочна улица“
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска треба да се сретне со лидерите на Чешка и Словачка. Откако тргна на неговиот пат, Макрон ги предупреди лидерите на источните членки на ЕУ да не се повлекуваат од принципите на блокот, издвојувајќи ги Унгарија и Полска, чии националистички влади се судрија со Брисел.
Во интервју објавено во чешките, словачките, унгарските и полските медиуми, францускиот лидер инсистираше дека „Европа не е супермаркет“, истакнувајќи го тоа што го кажа претходно дека земјите од источните блокови не можат да одбираат меѓу фундаменталните вредности на блокот.
„Европа не е еднонасочна улица: тоа е реципрочна посветеност“, рече Макрон.
Тој изрази загрижување за одбивањето на некои од источните членки на ЕУ да прифатат мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка во рамките на програмата за квоти која беше подготвена во 2015 година.
„Имаме колективна потреба за кохерентност и солидарност: не можеме да извлечеме корист од европскиот буџет без да демонстрираме солидарност за миграцијата“, рече Макрон.
Францускиот претседател се очекува да одржи разговори во Братислава со словачкиот претседател Андреј Киска и премиерот Петар Пелегрини, а во Чешка со претседателот на земјата Милош Земан и со премиерот Андреј Бабиш, пред заминувањето на самитот за Сирија во Истанбул.