Одбиена пријавата за судиите што одлучуваа за притворот на Грујевски и Бошковски
Основното јавно обвинителство соопшти дека ја отфрлило кривичната пријава поднесена од Здружението за истражување, развој и анализа „Зелена лупа“ против 10 судии, со која тие се товареа за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Зелена лупа“ поднесе кривични пријави за судиите што одлучувале за притвор за поранешните функционери на МВР, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои избегаа од земјава. Станува збор за тројца судии од Кривичен суд Скопје, тројца од Апелациски суд Скопје и четиримина од Врховен суд.
Здружението ги товареше првите тројца судии дека како членови на Советот на Основен суд Скопје 1, и покрај постоење докази за опасност од бегство, го одбиле предлогот за определување притвор на двајцата поранешни функционери во МВР. Пријавените тројца судии од Апелацискиот суд Скопје, пак, според наводите во пријавата, донеле решение со кое ја прифатиле жалбата на обвинителството и го преиначиле решението на Советот на Основен суд Скопје 1.
Според пријавата, четиримината судии на Врховниот суд одлучувале по жалбата на обвинетите, наместо да ја отфрлат како неоснована, стои во соопштението од ОЈО.