Сеќавање на убиените во сталиновите чистки
Стотици луѓе се собраа пред споменикот Соловецки камен на Плоштадот Лубјанка во Москва, на годишната церемонија во чест на сеќавањето на илјадници луѓе погубени од советските власти за време на Големиот терор на Јосиф Сталин. Целодневната церемонија е наречена Враќање на имињата. Учесниците, роднини на убиените, активисти за човекови права и други, на глас ги читаат имињата, возраста, професиите и датумите на егзекуција на околу 40 илјади московјани, дел од околу еден милион советски граѓани кои биле убиени од страна на државата во 1937 и 1938 година.
Церемонијата се одржува секоја година од 2006 година пред седиштето на КГБ, каде што сега е сместена руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).
Московските власти годинава ја повлекоа дозволата церемонијата да се одржи на Плоштадот Лубјанка, поради, како што рекоа, градежни работи, но ја преиначија одлуката по негодувањето во јавноста.
Слични настани се одржуваат и во други руски градови, како и во Лондон, Прага, Варшава и Вашингтон.