Русија ја стави под санкции украинската елита
Русија воведе тешки санкции против 322 Украинци од политиката и бизнисот и 68 компании во сопственост на познати украински бизнисмени. Меѓу опфатените со санкциите се и синот на претседателот Петро Порошенко, Олексеј, министерот за внатрешни работи Арсен Аваков, шефот на службата за безбедност Васил Хрицак, вицепремиерката Ивана Климпуш-Цинцадзе, бизнисменот Виктор Пинчук, поранешните премиери Јулија Тимошенко и Арсениј Јацењук, како и поранешниот лидер на ултранационалистичкиот Десен сектор, Дмитро Јарош. Со санкциите се опфатени и други украински политичари, судии, генерали, функционери, државни службеници и бизнисмени.
Санкциите беа објавени во указот на премиерот Дмитри Медведев објавен денеска. Според указот, целта на мерките е спротивставување на „украинските непријателски активности против руските граѓани и ентитети и нормализирање на билатералните односи“.
Санкциите предвидуваат замрзнување на средства и имот на руска територија.
Украина, исто како ЕУ и САД, воведе санкции против руски бизнисмени, компании и други ентитети, поради руската анексија на Крим во 2014 и поради руското мешање во конфликтот во источна Украина.
Пред десетина дена, Медведев рече дека Москва подготвува санкции со кои ќе се забрани увоз на некои украински производи во Русија, но не беше конкретно кажано кои.