Фити – Законите за животна средина се одлични, но не се спроведуваат
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, вели дека Македонија има одлична законска регулатива за животна средина, но оти таа не се спроведува.
„Кога ги читате законите и подазконските акти, сè е тоа прилагодено според европски стандарди, со модерни пристапи како да се бориме. Генералниот проблем е имплементација, значи не се спроведуваат законите и тоа се гледа со голо око. Не е доволно да имате добра регулатива ако таа не се спроведува“, рече Фити, пред почетокот на научната конференција „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“ во организација на МАНУ.
Тој информира дека конференцијата има за цел да даде јасна и кратка дијагноза на состојбите, како се загадени градовите, од што, кои се главните извори на загадување и најважно е да се предложат мерки, краткорочни и долгорочни, како овој процес да се ублажи и како да се намалат негативните последици.
Одговарајќи на новинарско прашање, академик Фити рече дека компаниите повеќе го ценат профитот, отколку човечкиот живот, но оти затоа треба државата да реагира и да ги ограничи.