Османи: Грција станува наш партнер во европските интеграции
Политичкиот развој на настаните во двете земји по одлуката на Собранието за отворањето на Уставот на Република Македонија, а во насока на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа, биле теми на разговорот на средбата на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и алтернативниот министер за надворешни работи и европски прашања, Јоргос Катругалос, што ја имаше во рамки на работната посета на Грција.
“Имаме голем број проекти кои се поврзани со Мерките за градење доверба, но и воопшто во насока на унапредување на комуникацијата и соработката меѓу двете земји, и чија реализација, согласно напредокот во политичките односи, треба да добијат забрзано темпо”, истакна Османи на средбата, посочувајќи ја како еден од поважните иницијативата на еврокомесарот Хан, за трилатерална соработка меѓу Македонија, Грција и Албанија, за одржлив развој на поширокиот преспански регион, кој покрај заштитата на убавото преспанско езеро, предвидува и отворање на меѓусебните гранични премини околу езерото, но и проекти за локален економски развој.
Тој истакна дека покрај бенефитите за локалното население, успешноста на овој проект има и пошироко симболично значење, затоа што, како што рече, Преспа е веќе симбол и на помирување меѓу двете земји, на успехот во надминувањето на долгогодишниот спор, како и симбол на меѓусебната соработка и напредок.
"Секако за нас најважна е соработката која очекуваме да ја оствариме во насока на успех на нашите европски интеграции. Успехот на Договорот од Преспа ја става Грција во редот на земји – пријатели, чија поддршка за нашите европски интеграции внатре во Унијата е забележлива, истакна Османи, најавувајќи го притоа заедничкиот проект меѓу двете министерства, за создавање на таканаречена „ЕУ Таск форс“ работна група, за размена на искуства во процесот на европски интеграции, започнатиот срининг процес, претстојниот процес на преговори, но и воопшто, процесот на комуникација со европската администрација и успешното искористување на ИПА средствата.
По завршувањето на средбата, Османи и Катругалос се упатија на Атинскиот аеродром на симболично свечено испраќање, каде Османи ќе го искористи првиот лет по нешто повеќе од десет години меѓу Атина и Скопје за да се врати назад.