Алијанса за Албанците – Кој со кого треба да се помирува?
Во Собранието на Република Македонија се одржува координативната средба за формирање на комисијата за помирување и интеграција на иницијатива на независната пратеничка група. Кратко по почетокот на средбата од неа замина претставникот на Алијансата на Албанците Сурија Рашиди, кој рече дека е многу нејасна иницијативата и тоа кој со кого треба да се помирува.
„Се доби впечаток дека се работи за дневно-политичка потреба, за отворање на мала врата за протуркување на идејата за амнестија за настаните од 27 април во Собранието“, рече Рашиди.
Алијансата за Албанците, според него, е за помирување, но врз основа на стратешките цели на државата за интеграција во НАТО и во ЕУ.
Координативната средба со која претседава претседателот на Собранието Талат Џафери е сè уште во тек и се очекува по нејзиното завршување новинарите да бидат информирани за начинот како ќе функционира комисијата за помирување и каква ќе биде нејзината методологија за работа. Присуствуваат координаторите на сите политички групи, освен на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.