Лукашенко – Нема потреба од руска воена база во Белорусија
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека неговата земја е сојузник на Русија, но оти нема потреба од руска воена база во Белорусија. Зборувајќи пред група американски експерти и аналитичари денеска во Минск, тој рече дека американската „воена и политичка улога“ е клучна за безбедноста во Европа. Тој исто така рече дека Белорусија е европска држава и дека е заинтересирана за силна и обединета Европа.
Авторитарниот лидер е на чело на Белорусија од 1994 година. Лукашенко се обидува да балансира меѓу источниот сосед Русија, која ја опишува и како сојузник и како закана, и ЕУ на запад.
ЕУ ги ублажи санкциите против Белорусија во 2016 година, откако беа ослободени неколкумина луѓе кои се сметаа за политички затвореници, но ја критикуваше владата во Минск за насилното спречување на протестите против данокот за невработеност во март 2017 година.