Предлог-договорот за Брегзит оди на владина седница
За утре е закажана владина седница на која ќе биде разгледан Предлог-договорот за Брегзит, што преговарачите на Велика Британија и Европската унија го усогласија денеска во Брисел, соопшти Британската Влада.
На седницата, закажана за 14 часот по локално време, ќе биде разгледан текстот на Предлог-договорот и ќе биде донесена одлука за следните фази, се наведува во соопштението, во кое се додава дека „министрите се поканети да дојдат пред седницата за да го прочитаат текстот”.
Претходно, британските и ирските медиуми јавија дека преговарачите на Брисел и Лондон постигнале договор за истапувањето на Велика Британија од ЕУ. Според некои од нив, договорот е постигнат на „техничко ниво”.