Заев – Груевски е кукавица, Унгарија да не штити криминалци
Премиерот Зоран Заев, во врска со пребегувањето на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, остро и категорично ги демантираше шпекулациите за каков било политички договор со Груевски во врска со овој случај. Тој рече дека МВР постапувало според закон и оти постапката за екстрадиција е веќе почната.
Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот на Малта, Џозеф Мускат, Заев рече дека очекува Унгарија да постапи по веќе распишана меѓународна потерница со која бара екстрадиција на Груевски.
„Очекуваме од Унгарија да биде пример дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Република Македонија. Каква би била мотивацијата на нас земјите кандидати ако една земја членка на ЕУ биде засолниште на криминалци и не ја почитува меѓународната пракса, меѓународното право“, рече Заев.
Тој го обвини Груевски дека е кукавица.
„Цело време велеше дека тој за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи. Тој само да излезат сите други е спремен да ја прифати одговорноста и слично. Дојде моментот на прифаќање на одговорноста, избега надвор од државата обидувајќи се претходно да добие нови аболиции“, обвини Заев.