Кувајт ги цензурира Достоевски, Иго, Маркес...
Кувајтските власти, на книжевниот фестивал кој почнува денеска, цензурираа над 1000 книги, меѓу кои е и класикот „Браќа Карамазови“ на Фјодор Достоевски, наведе организаторот.
Достоевски така му се придружи на сè подолгиот список на писатели чии дела се забранети во Кувајт, држава која важи за умерена во Персискиот Залив, но во која конзервативната струја сè повеќе зајакнува во политичкиот и во општествениот живот.
Министерството за информирање во последните пет години забрани над 4.000 книги, меѓу кои и „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ на Виктор Иго и „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес.
Сите книги кои ќе бидат изложени на фестивалот претходно беа прегледани од цензорска комисија, како што предвидува кувајтскиот закон. На мета на законот се навреда на исламот и правосудството, закана за националната безбедност, „повикување на нереди“ и „неморални“ акти.
Кувајт од 70-тите до 90-тите беше издавачки центар, но во последните години во Долниот дом на кувајтскиот парламент, единствен во регионот каде што пратениците се бираат на општи избори, доминираат конзервативците и претставници на племињата.